ВЕСТИ Хуманитарни акции во Македонија 

ПОДЕЛЕНИ ХУМАНИТАРНИ ПАКЕТИ ВО ПЕХЧЕВО

Под мотото „Љубов секому, омраза никому“, организацијата Ахмадија Муслимански Џемаат во Македонија додели хуманитарни пакети по повод празникот Рамазан Бајрам. Беа поделени 450 пакети со храна во Берово, Пехчево и селото Црник, како и во Виница и Кочани.

Даут Бајрактаров од Пехчево, член на оваа организација која во Македонија постои 20 години, истакна дека вакви хуманитарни пакети, организацијата дели за двата големи муслимански празници.

– Секоја година делиме ваква помош, не ги делиме луѓето по вера, туку испраќаме порака до сите „Љубов секому, омраза никому“. Традиционално доделуваме прехранбен пакет и се надевам дека нашите роднини, пријатели, комшии ќе ја сфатат нашата порака за „Љубов секому, омраза никому“, рече Бајрактаров.

Како муслимани, додаде, имаме два празника, едниот е Рамазански Бајрам, другиот е Курбан Бајрам.

– По месецот на постот, ние го славиме Рамазан Бајрам. Пакетите ги делиме меѓу граѓаните и не правиме никаква разлика дали се муслимани или христијани, на сите ние помагаме, сите се создадени од Бога. На секаде во светот делиме вакви пакети, кога е Курбан Бајрам делиме пакети со месо, рече Васим Ахмад мисионер на Ахмадија Муслимански Џемаат во Македонија.

Поврзани вести